Од Нова година Си-Ен-Ен прекинува со емитување во Русија

Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен ќе прекине со емитување во Русија пред 31 декември, се наведува во писмото кое го упатило менаџментот на компанијата до руските кабловски оператори, пренесе МИА.

Во писмото кое го упатил Тарнер Броадкастинг Систем Европа, а кое го објави ТАСС и весникот „Ведомости“, не се наведени причините за оваа одлука.

Генералниот директор на Тарнер Броадкастинг Систем Русија, Татјана Калита одби да ја прокоментира одлуката, јави ТАСС.

Меѓутоа, претставници на компанијата објаснија дека оваа одлука доаѓа поради неодамнешни измени во рускиот закон за масовни медиуми.

– Поради тоа, ние ќе завршиме со нашите сегашни договори за емитување. Се надеваме дека ќе се вратиме на рускиот пазар и ќе ги информираме нашите партнери за идните планови, изјавија претставници на Тарнер за ТАСС.

Нагласено е дека со оваа одлука нема да бидат погодени активностите на студиото на Си-Ен-Ен во Москва.

Во меѓувреме, руската федерална агенција за мониторинг на медиумите Роскомнадѕор, негираше оти има каква било поврзаност со плановите на Си-Ен-Ен Интернешенел да прекине со емитување во Русија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.