Македонија

Од одење по бајачи се завршува на психијатрија

Од одење по бајачи се завршува на психијатрија

Во Македонија има голем број бајачи и гатачи кои наводно можат да ви помогнат доколку имате здрвствен проблем, да ви помогнат да најдете работа, да најдете решение за вашите љубовни проблеми, или да уништат некоја магија ако ви е направена. Од Црквата предупредуваат дека не треба да им се верува на овие лица и дека таквите треба да се избегнуваат.

Голем дел од нив тврдат дека на сон им се прикажало да изградат црква на одредено место, да откријат некоја света вода и така затскривајќи се свесно или несвесно зад религијата тие ги мамат луѓето да побараат од нив помош за својата мака, а, се разбира, услугите ги наплатуваат.

Окултизмот е опасна работа

– Окултизмот е највисоката пројава на паганизмот. Тоа е демонизам во наjсуштинската смисла на зборот. Тоа е кога имате контакт преку ритуали со паднатите демонски сили. Конкретно имате контакт со нив, имате врска и тие ви даваат моќ да гатате, да бидете маѓепсник. Некои луѓе добивале таква моќ од демонските сили со која можеле да прават чуда. Човекот се поврзува со нечистите демонски сили кои го користат како медиум, како преносник, а тоа е опасна работа, вели презвитер Ивица Тодоров, свештенослужител во МПЦ-ОА.

Има разни бајачи и гатачи кои се измамници и кои тоа го прават исклучиво поради материјален интерес, да заработат пари. Но, голем дел од нив се сериозни бајачи и гатачи кои сониле да изградат црква, да откријат света вода или добиле дарба да претскажуваат. Многу од нив велат дека имале контакт со некои од светителите, како на пример Свети Ѓорѓија, Богородица, Света Петка, кои им наредиле да претскажуваат, не им давале мир во умот, слушале гласови и ги терале да им служат, во спротивно ќе ги казнат.

– Кај оние лица кои немаат врска со христијнство, со духовност и светост, тоа може и да помине оти немаат сознанија што е тоа свет човек. Многумина имаат погрешна претстава за светителите. А, свети човек значи човек исполнет со љубов, добрина, нежност, ослободен од зло. Тој е сличен на Бога. И сега, замислете, таков човек да дојде да ве мачи? Тоа, секако, не е возможно, вели отец Ивица Тодоров, кој објаснува дека тоа се демонски сили кои се јавуваат во таква форма за човекот полесно да ги прифати.

– Не случајно апостол Павле вели дека тие се јавуваат во форма на ангел, вели отец Ивица.

Ѓаволот не помага туку уништува

Тој, пред неколку месеци одржа предавање во Куманово насловено „Зошто Бог заповеда да се отклонуваме од демонската стапица на суеверието, окултизмот и паганизмот“, а и често преку социјалната мрежа „Фејсбук“ предупредува на опасностите од одењето по бајачи и гатачи.

– Куманово го избрав оти, не дека другите делови од Македонија стојат нешто подобро, туку таму долго време се вгнездени овие суеверни, гатачко-бајачки, пагански, окултистички моменти. Многу е интересно дека по предавањето, многумина кои имале контакт со такви лица, ми се обратија на телефон, на „Фејсбук“ и кај мене во црква, да ми кажат дека сфатиле дека биле во сериозно духовно ропство кое кај многумина причинило сериозни душевни и ментални пореметувања. Некои од нив завршиле и во болница. Многу од нив имаат крајно нарушени брачни и семејни односи, затоа што кога имаш работа со ѓаволот тој нема да ти помогне туку има за цел да те уништи. Една тотална деструкција. Злото знае да се маскира. Многу од овие гатачи, бајачи, јасновидци, ставаат икони, градат цркви и со тие нешта ги заведуваат лесноумите и лесноверните, кои пак, одејќи кај нив навлегуваат во една крајно проблематична душевна состојба, вели отец Ивица.

Тој е благодарен што многумина од МПЦ – ОА сериозно се загрижени за таквата состојба и сериозно работат ова зло да се искорени.

– Плодовите се евидентни. Ако направам една анализа во однос на нештата како беше пред 5 или 10 години, а како е сега, има голема разлика, но се уште ова зло не е искоренето иaко е намалено. Но, што да правиме. Има луѓе кои се на низок духовен и ментален степен и интелектуално се на таа состојба која се, а исто така не ја познаваат верата, и овие луѓе ги манипулираат, вели нашиот соговорник.

Бајачите и гатачите како нарко-дилерите

Отец Ивица вели дека кај лицата кои одат на бајачи и гатачи се јавува страв, имаат немирен сон, многу често сонуваат како некоја темна сила ги притиска, таа продира во нивниот ум и им уфрла зборови, депресивни се, неуротични и Бога го доживуваат како полицаец.

Тој зависноста од одење на бајачи и гатачи ја споредува со купување на дрога од нарко-дилери.

– Опасноста е иста, последиците се исти, а тоа се нервно-психијатриските клиники и очистување и од едното и од другото. Кога ќе се навлечете на дрога, на почетокот доживувате некакво задоволство. Исто се случува и во рамките на суеверието и окултизмот. Луѓето за вториве имаат позитивно мислење се додека не ги видат последиците во својот дом од практикувањето на нештата од разните бајачи и гатачи. Кај оние зависни од дрога се гледа зависноста. Оној кој ќе се навлече на дрога има потреба цело време да ја купува, да ја консумира за да ја одржува таа состојбата на лажно заадоволство. Кај оние кои се навлекле на баајачи и гатачи, последицата е стравот, опседнатоста со тоа што ќе им се случи, од кого ќе им се случи. Бајачите и гатачите им велат дека ќе им кажат од каде им е проблемот, кој им направил магија и луѓето почнуваат да чувствуваат страв. Тие им тврдат дека знаат да им јаа „разбијат“ магијата. Човекот кога повторно ќе се соочи со проблем, нема да го лоцира во себе, туку пак оди кај бајачи и гатачи и така се создава зависност од нив. И нарко-дилерите и бајачите и гатачите ги носат луѓето во душевна пропаст, вели отец Ивица.

Прочистување со помош на свештеник

На лицата кои одат на бајачи и гатачи може да им помогне духовен раководител кој може да ги доведе во ред.

– Најдобрата заштита од суеверието или празноверието е својата вера да ја исполниме со потполна љубовна доверба кон нашиот Отец Небесен преку Неговиот Единороден Син и нашиот Господ, Спасител и Учител Исус Христос во Светиот Дух и во Светата Црква. А тоа значи дека е потребно целиот наш светоглед и вредносен систем да го втемелиме на Божјата вистина, откриена и запишана во светите книги на Стариот и Новиот завет и засведочена од безбројите праведници и светители, како од старозаветниот, така и од новозаветниот период. Само така најсуштински ќе ја доживееме радоста на нашето духовно ослободување и ќе го разбереме советот на нашиот Господ Исус Христос кој е запишан во евангелието според Јован: “Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици, и ќе ја познаете вистината и вистината ќе ве ослободи “, вели отец Ивица.

Инаку, на Шестиот Вселенски собор било одлучено, оние христијани кои се обраќаат кон таквите кои прават магии, или кон таквите стоначалници (јасновидци, бајачи) за од нив да дознаат нешто што сакаат да им се открие, или да им се исполни некаква желба, по силата за претходните за нив заповеди од отците, истите нека подлежат на правилото кое за нив определува шестгодишно покајание.

– Замислете какви последици носи суеверието, паганизмот и окултизмот ако е потребно толку време, односно шест години, за човекот духовно да се очисти, вели отец Ивица.

Ирена Радовановиќ/МИА