Од петти април стартува кампањата за парламентарните избори

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори ќе почне од петти април, одлучи денеска со консензус Државната изборна комисија.

Комисијата одлучи и поради првиот круг од гласањето за претседателските избори и молкот за нив на а12-ти и 13-ти април кампњата да биде прекината и да продолжи на 14-ти.

Кампањата ќе финишира на 25-ти април по што на 27-ми април ќе се одржи и гласањето за избор на пратеници во Собранието и вториот круг од претседателските избори доколку шефот на државата не биде избран во првиот круг.

ДИК денеска го донесе Роковникот за изборните дејствија за предвремените парламентарни избори. Согласно овој документ листите на кандидати за пратеници треба да бидат доставени до највисокото изборно тело до 29 март, а жребувањето треба да се одржи на 3 април.

Јавниот увид во избирачкиот список за предвремените парламентарни избори ќе започне на 16 март и ќе трае до 30 март. Државјаните на Република Македонија со престој и живеалишта во странство од вчера до 31 март ќе можат да поднесат барање за гласање на предвремените парламентарни избори. Повторно во земјите каде што Република Македонија има свои дипломатско-конзуларни претставништва во весниците ќе биде објавен јавен повик за гласањето на овие избори. Дијаспората на предвремените парламентарни избори ќе гласа на 26 април, односно еден пред предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските од 7 до 19 часот.