Од прослава во смрт: Загинатиот во Тетово и повредените ноќеска славеле матура

Деветнаесетгодишното момче кое загина, како и четири други лица на иста возраст кои се повредени во тешката сообраќајна несреќа на влезот на Тетово ноќеска ја прославувале својата матура.

Според информациите од СВР Тетово, несреќата се случила околу 6,30 часот кај клучката Југ кога возачот на автомобилот „тојота“, Е.Ц. од Теарце од засега непознати причини изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во несреќата потешко е повредена 19-годишната Б.И. од Порој која по приемот во тетовската болница итно е пренесена на лекување во Скопје. Според последните информации од полицијата, таа е надвор од животна опасност.

Три други лица на возраст од 19 години до Тетово и околината се полесно повредени и по санирањето на повредите во тетовската Клиничка болница се пуштени на домашно лекување.

Од СВР Тетово велат дека и покрај нивните силни апели во пресрет на матурските прослави славенците да не управуваат со возила и засилените контроли на патиштата сепак се’ случуваат и вакви несреќи.