Од први јули нова цена на струјата

До крајот на јуни ќе се знае новата цена на електричната енергија која граѓаните ќе ја плаќаат во периодот од 1 јули 2014 до 1 јули 2015 година. Во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во моментов се прават пресметките и засега од таму не сакаат да обелоденат колку ќе чини киловат-час електрична енергија за домаќинствата, објави Вечер.

Додека се прават калкулации и готват новите цени, граѓаните стравуваат дека во втората половина на годинава ќе треба да плаќаат повисоки сметки за струја. Изминатава година тие беа задоволни, бидејќи имаа ретка привилегија струјата да биде една од најевтините во регионот. Од први јули 2013 цената на струјата во Македонија беше намалена за 4,48 %, додека во соседна Србија се зголеми за 11%, а во Бугарија за повеќе од 15% што донесе штрајкови по улиците на Софија и другите поголеми градови.

Енергетските компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН до крајот на мај, во утврдениот рок согласно Правилниците на РКЕ ги доставија своите пресметки за нивните трошоци за 2013 година, но јавно не сакаат да кажат дали имаат зголемување и колку тоа ќе влијае врз крајната цената на оваа енергија. Генерално сите три компании имаа одредени инвестиции во енергетските објекти, во опрема и слично, но сепак крајниот збор ќе го каже утврдената методологија по која се прават пресметките.