Од први март сите повици стануваат национални и ќе бидат поевтини

Од први март сите повици во земјава ќе станат национални и ќе добијат нова поевтина цена, па наместо досегашните три ќе чинат еден денар, најави денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски.

„Се брише границата меѓу повици во  еден град или повици од еден кон друг  град, како што беше пракса порано. Сега сите стануваат  национални односно локални повици со цена од  еден денар“, рече Орданоски.

Тој нагласи дека нема повеќе локални и национални повици, односно сите ќе бидат национални и без разлика од каде и да се врти цената ќе биде иста.

Јавувањето од фиксен телефон на „Македонски телеком“ кон мобилен наместо  досегашните 9,99 денари од први март ќе изнесува 6,99 денари.

Ордановски уште еднаш упати апел до сите оператори во земјава да се однесуваат поодговорно  и да ги почитуваат законите, а фокусот да им биде на корисниците.

Тој нагласи дека се забележани две поголеми девијации од страна на операторите кои се однесуваат на наградните игри кои ги организираат и продажбата на активни при-пејд картички.

Досега, како што информираат до АЕК, се примени 2.024 приговори и поплаки од граѓаните, од кои околу 970 се однесуваат за мобилната телефонија. Дури 70 отсто од тие приговори се однесуваат на преголеми сметки на цените, односно граѓаните се жалат од начинот на тарифирање на мобилните оператори.