СДСМ смета дека Груевски е подготвен да разговара за барањата на опозицијата

Од денешната одлука да не се констатираат оставките на пратениците може слободно да се заклучи дека Груевски е подготвен да разговара за барањето на опозицијата, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Според него, следно што се очекува е одржување средба на која што претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ќе ги соопшти барањата на опозицијата, што ќе бидат теми на можните разговори за надминување на последиците од, според нив, нерегуларните избори.

„Потенцираме дека политичкиот дијалог што се водеше помеѓу власта и опозицијата изминатата година и договорите кои беа постигнати не беа практично реализирани, напротив беа несовесно злоупотребени од страна на Груевски“, изјави Шилегов.

Тој потенцираше дека се што евентуално ќе се договори во иднина ќе се смета за договорено само ако во спроведување на договореното биде целосно вклучена опозицијата и притоа гарант ќе биде претставник на ЕУ.

Шилегов истакна дека СДСМ опстојува на тоа да не се врати во Собранието додека не биде постигнат некаков договор.Условите, според него остануваат исти, а еден од нив е формирање на техничка влада.

За пратеничките кои се одлучија да ги повлечат оставките, Шилегов истакна дека иако мандатите кои им се доверени се донесени врз основа на одлуки на органи на СДСМ, во статутот на СДСМ постојат одредби за регулирање на начинот на членување.

„Ако не се почитуваат одлуките и ставовите на орагните СДСМ, ќе се постапува според одредбите,“ изјави Шилегов.