Македонија

Од стремежот за напредок никогаш нема да се откажеме

Од стремежот за напредок никогаш нема да се откажеме
Не ја потценувајте македонската дијаспора

По повод големиот македонски празник Илинден, премиерот Никола Груевски денеска положи свежо цвеќе и одржа говор пред споменикот на Методија Андонов Ченто на централниот градски плоштад.

Мака ми е што нема да напишам некои работи, коишто историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да се знае кој и зошто гинел и кој и што направил за неговата слобода, рече премиерот Груевски.

Денес сите ги слават идеите и делата на Ченто

Сигурно е ако Ченто имаше можност да напише што се знае за таа борба, ќе дознаевме за многу детали кои денес можеби не ги знаеме, но тоа што тој го направи, колку и во некои децении да се ставаше под тепих, денес сите го слават. Тој беше спречен да продолжи да ја шири идејата за независна Македонија, но семето кое го распрснуваше беше фатило корен, и идејата продолжи да се шири, до нејзината реализација. Неговиот грев беше дека сакаше ние да имаме независна држава. Денес, неговата идеја и борба се слави, како што се слави борбата на генерациите борци и идеолози од двата Илиндена. Тоа е и нашата прослава денес овде на ова место, кое се наоѓа наспроти музејот на македонската револуционерна борба. Едно од симболичните гестови на оддолжувањето од  оваа генерација, се градењето на спомениците на великаните на македонската историја, музеите, имињата на улиците, булеварите, плоштадите,населбите и мостовите, со нивните имиња, книгите и монографиите за нив, документарните филмови за нивните дела и страдања, ликовните дела и други симболични чекори со кои се заблагодаруваме на нашите предци кои се жртвуваа за својот народ. Но тоа се симболичните гестови, рече премиерот.

Најважните чекори во правец на продолжување на нивните дела, посочи Груевски е зацврстувањето и напредокот на државата, обезбедувањето на мирот и безбедноста на земјата и народот, подобрувањето на животот на народот во секој поглед, развојот на демократијата и човековите права, развојот на образованието, на економијата, на владеењето на правото, обезбедувањето на стабилност на државата и нејзин континуиран напредок во секој поглед.

Трката во напредокот со другите држави и народи. Чекорењето на патот кон ЕУ и НАТО, донесувањето на компании со највисоки технологии и пренос на знаењето на нашите луѓе кои работат и управуваат во нив, отворањето на нови работни места, битката за повисоки стандарди на секое поле и во секој сектор, спроведувањето на континуирани реформи, и реализацијата на илјадници проекти,  решавањето на крупните проблеми кои го оптоваруваат народот или државата, справувањето со најголемите предизвици и кризи, давањето многу нови можности за новите генерации, тоа е нашата борба и нашиот стремеж кон највисоките цели. Посилна држава, посреќен и помоќен народ во неа. Во слободна и независна Македонија, каде ние политичарите отчетот го даваме пред народот, а тој избира кому ќе му ја довери довербата да ја води државата, и во кој правец. Но да не заборавиме, Делата на генерациите зад нас ни го трасираа патот и ни овозможија денес да се натпреваруваме на полето на напредокот, заклучи Груевски.

Премиерот додаде дека една од пораките која во аманет ни ја оставиле е дека треба постојано да се стремиме кон напредок, и само кон напредок.

„Да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме”, како што велеше Делчев.

Од стремежот за напредок никогаш нема да се откажеме

Од тој стремеж за постојан напредок ние никогаш нема да се откажеме.  Тој е нашата движечка сила. Една од причините поради која овој ден останал запаметен повеќе од еден век не е случајна. Има причина зошто нашата нација веќе 112 години се навраќа на делата на своите предци. Восхитот кој го чувствуваме за нивните остварувања и за остварувањата на нивните следбеници од народноослободителната војна постои со причина. Неисцрпната сила на овие луѓе служи како поттик и охрабрување за сите следни генерации и за нас како нивни наследници. Тоа е постојаниот стремеж за напредок!

Големо е делото кое треба да го надградуваме, истакна тој, но подеднакво голема е и честа да се работи за Македонија!

Должноста на нашата генерација е да ја оставиме државата на нашите деца посилна, поразвиена, подостоинствена и постабилна отколку што сме ја наследиле од нашите татковци.

 

 

Македонија денеска ги слави двата Илиндена.