Од утре ќе стартува реконструкција на опожарените куќи во Циглана

Од утре ќе стартува реконструкцијата на дел од опожарените куќи во населбата Циглана, за што Владата издвои 14 милиони и 600 илјади денари, Градот Скопје два милниони и 400 илјади денари и општната Бутел еден милион и 440 илјади денари, најави заменик министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими одговарајќи на пратеничко прашање на денешната седница посветена на пратенички прашања.

„Агенцијата за станбени простории уште утре започнува со реконструкција на седум од опожарените куќи, а останатите 17 ќе бидат реконструирани веднаш откако ќе заврши тендерската постапка објавена од страна на општината Бутел“, рече Ибрахими.

Тој соопшти дека тендерската постапка е отворена до 10 февруари 2014 година, додавајќи дека луѓето чии куќи беа опожарени ноќта на седми спроти осми декември минатата година, по реконструкцијата ќе добијат подобри услови за живот, бидејќи новите живеалишта ќе бидат пред се енергетски ефикасни.