Македонија

Од утре нова директна авиолинија Охрид – Базел

Од утре нова директна авиолинија Охрид – Базел
Од утре нова директна авиолинија Охрид – Базел

На охридскиот аеродром Свети Апостол Павле, утре ќе биде промовиран официјалниот почеток на директниот лет до Базел. До оваа нова дестинација, авиопревозникот „Визер“ ќе оперира два пати неделно.

За потсетување, вчера, нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ промовираше пет нови директни линии од скопскиот аеродром Александар Велики до европските градови Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридрихшхафен, исто така два пати неделно.

На новите шест авиолинии, „Визер“ ќе оперира со субвенции од македонската Влада, согласно договорот со Министерството за транспорт и врски.

– Со воведување на новите линии создаваме можност преку достапни цени на авиобилетите да се посетат најпосакуваните и најатрактивните градови во Европа. Создадовме услови и граѓаните на Македонија преку евтини билети да можат полесно да патуваат до европските метрополи во функција на развој на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот, рече на вчерашната промоција на летовите, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Настанот за промоција на новата авионска линија Охрид- Базел ќе се одржи утре во 18:40 часот на охридскиот аеродром, а на пречекот на првите патници ќе зборуваат Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“ и Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.