Од утре онлајн пријавување и избор на стартниот број за Виз Ер Скопскиот Маратон 2017

Сите заинтересирани учесници за Виз Ер Скопскиот Маратон, кој ќе се одржи на 7 мај 2017 година, од утре, од 8.45 часот ќе можат да се пријавуваат онлајн на веб страната skopskimaraton.com.mk

Како што соопшти организаторот, идните учесници на маратонот ќе имаат можност да го одберат својот омилен број. Изборот на стартниот број ќе се одвива при процесот на онлајн регистрација и во овој период плаќањето ќе може да се изврши само со плаќање преку онлајн системот. Овој прозорец на слободен избор ќе трае до 27 октомври, до 23:59 часот, пред полноќ. По завршување на промотивниот период, стартните броеви веќе нема да може да се бираат по слободен избор, туку ќе бидат автоматски доделувани преку системот за регистрација.

Пријавувањето и регистрацијата за Виз Ер Скопски Маратон 2017 ќе може да се изврши преку официјалната веб страна на Виз Ер Скопскиот Маратон http://skopskimaraton.com.mk/, како и преку партнерот за онлајн регистрација на Виз Ер Скопски Маратон www.smartrace.club Брановите за регистрација и оваа година ќе бидат распределени во повеќе етапи, а првиот завршува на 30 ноември, а потоа цените ќе се зголемуваат на секои два месеци.

– Предноста од пријавувањето во раните периоди е тоа што цените за маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон и трката на 5 километри се пониски за разлика од подоцнежните рокови за пријавување, информира организаторот на маратонот.

И годинава при регистрацијата сите кои во 2016 година не ја искористиле можноста за бесплатна регистрација, а биле пријавени на маратонот, полумаратонот или на штафетниот маратон во 2015, ќе можат да побараат купон за бесплатна регистрација и да го искористат за регистрација за трките во 2017 година.

Спонзор на маратонот е компанијата „Виз Ер“, a покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.