Од утре пониски цени за регионалниот роаминг

Од утре за 17,2 процента ќе биде пониска цената за минута појдовен повик во роаминг помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. За 11,1 процент ќе се намали цената на СМС, а за 35,7 проценти на МB интернет.

Тоа ќе биде второ намалување согласно договорот на регулаторните тела на четирите држави, што стапи во сила во јули лани.

Минатата година цената на минута појдовен повик во роаминг беше намалена за 73 проценти. Од утре, како што информираат од македонската Агенција за електронски комуникации, за минута појдовен повик ќе се плаќа 14,8 денари. За следната година е предвидено намалување од 14,8 денари за минута за појдовен повик на 11,7 денари, или за 20,2 процента.

По минатогодишното намалување на цената за СМС во роаминг за 54,5 проценти, годинава таа се намалува од 5,6 денари на 4,9 денари, односно за 11,1 процент.

Лани цената за 1 MB интернет беше намалена за 90 проценти, а од утре ќе биде пониска за 35,7 проценти. Еден МБ интернет во малопродажба наместо  43,2 денари ќе чини 27,8 денари. Во јули следната година, согласно договорот, цената ќе се намали на 12,3 денари, односно за 55,7 проценти.