Од утре пороен дожд и ветар

Нов бран врнежи се очекува утре во вечерните часови и во петок попладне после 14 часот. Имено поинтензивен влажен бран со врнежи од дожд (локално над 25 л/м2) ќе има во петок, кога локално врнежите ќе бидат поројни и проследени со засилен ветер.

Координативното тело исто така информира дека поради големото количество надојдена вода на реката Црна поради рушење на 9-от канал и насипите, а со цел да не се поплави населеното место Новаци, денеска ќе се пресече Регионалниот пат 1311, делница река Црна-Новаци.

Сообраќајот ќе се пренасочи кон Новаци-Добромири-Горно Агларци-Дедебалци-Добрушево-Тополачани-Битола.

Координативното тело повторно упатува на следниве препораки:

  •          градоначалниците да ги стават на готовност сите расположливи ресурси,
  •          градоначалниците да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да ги вклучат, претставници од ЦУК, ДЗС и МВР,
  •          градоначалниците кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси (механизација, вреќи и нафта) веднаш да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување,
  •          градоначалниците да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови,
  •          континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите.
  •          ЕЛС да интервенира на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки,
  •          сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК,
  •          припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција
  •          возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ,
  •          Апел до месното население да помага и да се активира.

Надлежните институции се во постојана координација и комуникација се со цел благовремено да се преземат превентивни мерки за избегнување од евентуални несакани последици.