Од утре стартува авиолинија Белград-Охрид

Од утре стартува авиолинија Белград-Охрид
Од утре стартува авиолинија Белград-Охрид
Со заеднички заложби на општина Охрид, Македонската амбасада во Белград- Србија и  авиокомпанијата „Ер Србија“ се воспостави новата авиолинија Белград – Охрид и обратно што стартува утре од охридскиот аеродром, „Св. Апостол Павле“.

На свеченоста закажана за утре ќе присуствува градоначалникот Никола Бакрачески кој беше главниот иницијатор за воспоставување на оваа линија и кој со поддршка на Владата на Република Македонија ги реализира првите преговори и работни средби со менаџментот на реномираната „Ер Србија“.

Покрај Бакрачески на настанот ќе присуствуваат и генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски и  главниот извршен директор на „Ер Србија“ за врски и односи со Влада Бранислав Маловиќ.

Воспоставувањето на оваа авиолинија од една страна  ќе биде  во интерес на развој на  туризмот  што би значело носење на туристи  од Србија, но и од европските земји  со кои белградскиот аеродром  има конекции  како и носење гости од САД ако се земе во предвид  фактот  дека  веќе пет пати неделно сообраќа авио линија Њујорк – Белград. Од друга страна  оваа  авиолинија ќе биде значајна  за нашите граѓани кои ќе  ги користат поволните можности да патуваат од странските дестинации до дома и обратно  преку Белградскиот аеродром.