Од утре увид во Избирачкиот список

Од утре па се’ до седми март ќе трае увидот во Избирачкиот список за претстојните претседателски избори кои што ќе се одржат на 13-ти април.

Државната изборна комисија (ДИК), според Роковникот за извршување на изборните дејствија, најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите, го става Избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни единици и месни канцеларии. Увидот трае дваесет дена.

Истовремено, како што јави МИА, започнува и јавниот увид во посебните изводи на Избирачкиот список во Дипломатско-конзулартните претставништва на Македонија за лицата на привремена работа или престој во странство. Посебните изводи од Избирачкиот список ДИК преку Министерството за надворешни работи ги достави до ДКП-та.

До седми март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На први февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората ќе можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.

Граѓаните исто така ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список и преку веб-страната на ДИК. На насловната страна на новото веб издание на Комисијата е ставена назнака за Избирачки список. За граѓаните да можат да ја употребат апликацијата и да проверат дали се во Избирачкиот список треба да го внесат матичниот број и кодот што ќе се појави на сликата.

Во известувањето кое стои на страната на ДИК се наведува дека Избирачкиот список е доставен до нив од страна на Државниот завод за статистика на 2 февруари оваа година. Тој, како што се посочува, е резултат на прво законско редовно ажурирање на податоците добиени од страна на Министерство за внатрешни работи во февруари 2014 година и содржи податоци за граѓаните со состојба заклучно со 1 февруари оваа година.

Од утре започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март.

Претседателот на ДИК Никола Рилкоски минатата недела најави зголемување на бројот на местата каде што независните кандидати ќе може да ги собираат потписите од 34 на 80-тина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.