Од вечерва силни врнежи – надлежните на готовс

Силен бран на врнежи се очекува денеска, по 22 часот. Врнежите ќе продолжат и во текот на ноќта со позасилен интензитет,  а се очекува да наврнат од 40 до 60 л/м2.
Врнежи со посилен интензитет ќе има во западните и јужните делови на земјата, ќе дува засилен, повремено силен јужен ветер со удари над 80км/час.

Во сабота се очекува кратка пауза, но во попладневните и вечерните часови, се најавува поројни дождови и грмотевици.

Според информациите за хидолошката состојба, подземјето веќе е полно со вода така што би немало доволно капацитет целосно да ги прими наредните врнежи од дожд. Се очекува сливните подрачја доста брзо да реагираат на најавените врнежи и водостоите нагло да пораснат.

Координативнотот тело уште еднаш препорачува:

– градоначалниците да ги стават на готовност сите расположливи ресурси,

– градоначалниците да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да ги вклучат, претставници од ЦУК, ДЗС и МВР,

– градоначалниците кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси (механизација, вреќи и нафта) веднаш да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување,

– градоначалниците да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови,

– континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите.

– ЕЛС да интервенира на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки,

– сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК,

– припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција

– возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ,

– екипи од ЕВН и ДЗС да воведат дежурни служби

– апел до месното население да се вклучи во превентивните акции.

Надлежните институции се во постојана координација и комуникација се со цел благовремено да се преземат превентивни мерки за избегнување од евентуални несакани последици.