Македонија

Одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Младите и студентите денеска во ЕУ-МК инфоцентарот во Скопје имаа можност да се запознаат со европските вредности и идејата дека културата ги надминува границите со посебен акцент на мобилноста на младите, во рамки на настанот „Младите и мобилноста“.

Настанот го организира Националната агенција за европски програми и мобилност во соработка со Европската мрежа на културни институции ЕУНИЦ Скопје, Италијанскиот центар „Данте Алигиери“ и Францускиот институт во Скопје.

Претседателката на ЕУНИЦ и директорката на Францускиот институт Изабел Марки-Барбо на отворањето рече дека културата е без граници и настанот има за цел сите млади во Македонија да ги запознае со можностите што ги нуди Европа.

– Сите ние сме дел од Европа. Настанот треба да им помогне на сите млади да се информираат за Европа без граници. На сите средношколци, студенти и млади сакаме да им покажеме дека Европа има отворени врати, рече Марки-Барбо.

Се заблагодари на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на РМ и Секретаријатот за европски прашања за поддршката за промоција на Европа.

Претседателката на италијанскиот културен центар Анастасија Ѓурчинова рече дека настанот е замислен како практична работилница за млади од 16 до 25 години, кои се заинтересирани да поминат период на студирање во Европа или пракса во некоја од европските институции.

– Предвидени се работилници на кои младите ќе можат да запознаат млади волонтери од различни европски земји, а кои ќе им ги пренесат своите искуства и ќе им покажат дека не е тешко да се оствари мобилност во Европа. Младите ќе можат да земат промотивни материјали и да се запознаат со тоа како да се подготват за мобилност во Европа, како да напишат си-ви и мотивациско писмо на повеќе јазици, како да го одредат своето јазично ниво, рече Ѓурчинова.

По повод одбележување на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа денеска делегација на општина Гази Баба предводена од градоначалникот Тони Трајковски положи цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов – Ченто.

Како што соопшти општина Гази Баба, на одбележувањето присуствувале и делегација на Советот на општина Гази Баба предводена од претседателот на Советот Милан Андоновски, пратеничката Олга Најденовска, делегација на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба, делегации на Унија на жени од ВМРО-ДПМНЕ и Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, делегации од урбаните и месните заедници од општина Гази Баба, здружението на пензионери на општина Гази Баба како и жители на општината.