Одбележан денот на рударите

Со пригодни свечености, денеска во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ беше одбележан Денот на македонските рудари  28 август. На овој празник на кој според востановената традиција се промовираат постигнатите резултати во изминатата година и се доделуваат јубилејни награди и признанија, во РЕК „Осломеј“ на рударите им се обрати генералниот директор на АД ЕЛЕМ  Дејан Бошковски.

Тој го потенцираше значењето на рударите како важен човечки ресурс од кој зависи процесот на работа во компанијата, а се осврна и на активностите кои ги презема АД ЕЛЕМ во насока на обезбедување стабилно производство во наредните две до три децении.

– За продолжување на работниот век на ТЕЦ Осломеј, во тек е подготовка на физибилити студија за модернизација на оваа централа преку користење на јаглен со поголема калорична вредност. Модернизацијата ќе вклучува замена на парниот котел, модернизација на турбинската опрема, автоматизација на блокот и генераторот, потоа третман на отпадни води и опрема за намалување на издувните гасови. Со реализација на овој проект ќе се продолжи работниот век на ТЕЦ Осломеј за дополнителни 25 години и производство на електрична енергија од минимум 700 GWh годишно, а притоа и обезбедување на највисоките стандарди во врска со заштитата на човековата околина и животната средина, истакна меѓу другото Бошковски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.