Одбележан Денот на сеќавање на жртвите во Вуковар од 1991

Со интонација на хрватската национална химна и едноминутно молчење денеска беше отворена програмата за одбележување на Денот на сеќавање на жртвите во Вуковар од 1991 година.

Градоначалникот на Вуковар Иван Пенав пред собраните граѓани изјави дека настанот има за цел сеќавање на жртвите во Вуковар и оддавање почит на сите жртви, повредени и исчезнати лица што придонеле за создавање на слободна Хрватска.

– Денеска е важно да се оддаде почит на жртвите во Вуковар, а се друго, амбиции или скриени цели, нека се остават за друг ден и друго место, изјави Пенав.

Официјалната Колона на сеќавање, во која учествуваа целиот хрватски државен врв, претставници на дипломатскиот кор и дел од здруженијата на бранители, по пригодната програма пред кругот на вуковарската болница тргна до Меморијалните гробишта.

Според локалните медиуми, додека се уште траела официјалната комеморативна програма во кругот на вуковарската болница, стотина граѓани предводени од претставници на Штабот за одбрана на хрватски Вуковар се одвоиле и порано тргнале по вуковарските улици до Меморијалните гробишта. Во таа колона учествувале претставници на опозициската Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и нејзината кандидатка за претседател на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ. Подоцна на колоната се придружиле и други граѓани и достигнала број од неколку илјади.

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ изјави дека е горд што хрватската љубов и Хрватска што го почитува Вуковар оддаде достоинтсвтен почит на градот и сите жртви.