Одбележан Светскиот ден на нарушувања на растот

Да додадеме боја во животот на децата! Не се работи за висина, туку за здравје!  е мотото на првото одбележување на национално ниво на Светскиот ден на нарушувања на растот, во организација на Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања РАСТ, а поддржано од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

На овој настан свое обраќање имаше  директорката на ФЗОМ, м-р Маја Парнарџиева-Змејкова, која укажа дека одбележувањето на овој ден нема да биде на формален начин, туку преку заедничка соработка меѓу Здружението Раст и ФЗОМ, при што Фондот се фокусира на следниве 3 прашања: Како прво, Националниот ден со кој Македонија се придружи во одбележување на Светскиот ден на нарушување на растот е можност за интензивирање на едукацијата на јавноста за оваа состојба. Како втор сегмент, директорката Парнарџиева-Змејкова укажа на важноста од дестигматизацијата на децата со оваа состојба и колку е важно, сите ние да се вклучиме и да укажеме дека сме исти и имаме еднакви права на здравје, но дека различноста не прави посилни и треба да ја негуваме. Како трето, овој ден правиме преиспитувања на нашите политики и надлежности колку сме успешни во она што го правиме. Нашата соработка со здружението Раст,  резултираше со обезбедување средства за соодветната терапија на овие деца, преку наменскиот, односно условниот буџет, за таргетирано лекување на овие деца на Детската клиника, и четврта година по ред се осигуруваме да добијат навремена терапија за здрав и нормален развој.

DSC04257

Претседателот на Здружението Раст, Александар Петров, кажа дека од формирањето на Здружението Раст во 2007 година, добиваат максимална и беспрекорна поддршка од Фондот за здравствено осигурување на Македонија и тоа им е една од најголемите мотивации во нивните напори, бидејќи сите деца имаат право да растат здраво.

Раната детекција е исклучително важна, бидејќи растот не е само сантиметри, растот е показател на целокупното здравје. Токму затоа е важно сите релевантни чинители и од здравствениот, но и образовниот и од сите други сегменти во општеството да бидат свесни за потребата од раното препознавање на нарушувањето на растот.