Одбележани 55 години од основањето на ФЕИТ

Факултетот за електротехника и информациски технологии, вчеравечер, со Свечена академија, го одбележа 55 годишниот јубилеј од основањето на оваа високо-образовна институција.

Пред претседателот на државата, професор д-р Ѓорѓе Иванов и пред многубројните гости, деканот на ФЕИТ, професор д-р Миле Станковски нагласи дека се гордее со фактот што во студентските клупи на овој факултет седнуваат најдобрите матуранти и академски граѓани.

„Со огромен ентузијазам и посветеност развиваме креативни личности, професионалци со аналитички вештини и лидерски способности. Се гордееме на квалитетот што го продуцираме, но и на бројките што заслужуваат да бидат споделени – околу 8.000 електроинженери и дипломирани електроинженери, повеќе од 750 магистри и над 110 доктори на науки. Во моментов, на ФЕИТ студираат околу 2000 студенти, кои се дел од интелектуалната елита и се носители на развојот на Македонија, на регионот, на Европа, на светот“, рече деканот Станковски.

Оваа висока-образовна институција, со својот висок професионализам, е респектирана организација која ги применува најсовремените достигнувања во образованието и науката, рече ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, професор д-р Велимир Стојкоски.

„ФЕИТ, како членка на УКИМ, работи на осовременување на наставно-образовниот процес и на стратешкото јакнење на врските со стопанството. По петипол децении, овој Факултет, целосно е интегриран во сите сегменти на општеството , истакна ректорот Стојкоски.

На свечената академија беше доделена и Златна диплома од ФЕИТ на првиот дипломиран студент на ФЕИТ, Драгослав Рајичиќ. Дипломирал пред 50 години, подоцна станал професор на Факултетот, а и денес дава огромен придонес во развјот на науката (активно е вклучен во реализацијата на докторските студии на ФЕИТ), но и во развојот на стопанството.

На Свечената академија беа промовирани дипломираните инженери и магистри од учебната 2013/2014 година а беа доделени и награди на најдобрите дипломирани инженери со просек над 9. Исто така, беа доделени и наградата Инженерски прстен, наградата Атанаско Кантарџиев, наградата Стамболиев, како и награди од македонскиот национален комитет при Меѓународната федерација за големи електрични системи – МАКО СИГРЕ и од Здружението за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика на Македонија – ЕТАИ.

Во име на сите дипломирани и магистрирани се обрати дипломираниот инженер Александра Дејкоска, според која дипломата е многу повеќе од титула.

„Дипломата што ја добиваме значи многу повеќе од титула. Претставува спомен на една етапа од нашиот живот. И ако речам да ја искористиме најдобро што можеме, мислам на сè што таа значи: да се стане човек пред сè, да се стекнат знаења, искуства, пријателства, да се работи за утрешнината… “, порача Дејкоска.