Одбележување на Денот на НАТО

НАТО 65 години придонесува за демократијата, слободата и мирот во светот и е вистински безбедносен промотор, а Македонија веќе дваесетина години активно учествува во таа улога.

Ова е главната порака на денешната прес-конференција по повод 4 Април, Денот на НАТО, односно 65-годишнината од основањето на Северноатланската алијанса, организирана од Евроатланскиот совет на Македонија и Министерството за одбрана како порака и потврда за македонската посветеност за евроатланските интеграции.

Претседателот  на Евроатланскиот совет, Исмет Рамадани порача дека 15 МАП процес е успешен, а реформскиот процес во Македонија продолжува константно се до целосно евроатланско интегрирање што, како што рече, е препознаено и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој посочи дека политичката криза во Македонија посебно по прислушувањето ги обврзува членовите на Евроатланскиот совет да апелираат до сите носители на политички функции сериозно да се однесуваат и да пристапат кон разрешување на кризата.

Заменик министерот за одбрана Арбен Лабеништа оцени дека Алијансата континуирано ја надоградува примарната задача за безбедност и слобода на своите челнки преку приемот на нови членки, но и преку мрежата на партнерства со останатите демократии ширум светот.

– Приемот на повеќето земји од Балканот во НАТО придонесе да се зголеми безбедноста и демократијата во овој дел од Европа, но работата на ова поле не е завршена се додека сите земји од регионот, вклучително и Македонија не станат полноправни членки на Алијансата, рече Лабеништа.

Тој потсети дека земјава повеќе од 20 години е аспирант за членство во НАТО и додаде дека се спроведени бројни реформи во одбраната и армијата, нагласувајќи дека со повеќе од 3.500 мировници Македонија учествува во мировните операции предводени од ОН, НАТО и ЕУ.

Шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, капетан Румен Радев порача дека вратите на НАТО се отворени за Македонија и додаде дека треба да се работи на надминување на проблемот со името.

– Името е услов без кој не се може, бидејќи одлуките во НАТО се носат со консензус. Затоа треба да се зголемат напорите за негово решавање за да го добиете заслуженото членство во Алијансата, рече Радев.

Тој истакна дека вратите на Канцеларијата на НАТО се секогаш отворени за членовите на Евроатланскиот совет и за сите добронамерни и додаде дека ќе направи се што е во негова можност за да им удоволи на барањата.