Одбележување на Меѓународниот ден на спортот

По повод 6-ти Април, Меѓународниот ден на спортот, а на иницијатива на Агенцијата за млади и спорт, Сојузот на спортски федерации на Македонија, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Институтот за Неформално Образование и Спорт ГЛОБАЛ ќе се организираат неколку спортски настани.

Меѓународниот ден на спортот ќе се одбележи со организирање на традиционални игри и спортови за децата од Домот за деца без родители “11-ти Октомври” од Скопје, како и со одржување на фудбалски натпревар помеѓу студентите од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и децата од Домот за деца без родители “11-ти Октомври”.

Настанот ќе има социјална димензија преку спортување, дружење и играње да се зајакне социјалната инклузија во македонскиот образовен и спортски систем на децата без родители, и да се мотивираат и охрабрат дека еден ден и тие може да станат студенти или професионални спортисти и да ги остварат своите соништа.

Активностите ќе се реализираат во новата спортска сала “Македонски Херои”, во состав на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, со почеток во 12:30 часот.

Претходно, во 11:45 часот, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и врвните македонски спортисти Индира Кастратовиќ, Игор Стефановски-Иџе, Благоја Георгиевски-Буштур, Атанас Николовски и Вели Мумин ќе ги посетат и ќе се дружат со децата од Домот за деца без родители “11-ти Октомври” во населбата Капиштец.