Одбележување на шест години од хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце

По повод навршувањето на шест години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници на воздухопловната бригада (вбр) на АРМ, утре, делегации од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ, вбр, како и членовите на семејствата на загинатите припадници на вбр ќе положат венци со свежо цвеќе на спомен обележјето пред командата на вбр во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец.

Полагањето на венци со свежо цвеќе пред командата на вбр во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец ќе започне во 12 часот.

Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, пред шест години полетаа со хеликоптерот околу 9,30 часот од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта.

Хеликоптерот „МИ 17“ со кој 11-те мировници тргнаа во последниот нивни лет, беше од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка. Има тричлен екипаж – двајца пилоти и авиомеханичар. Може да превезува 32 патника или товар до четири тони. Може да има разновидна техничка опрема и да биде вооружен со ракетни лансери, бомби и митралези. МИ – 17 и неговата постара верзија МИ-8  во повеќе од 50 држави во светот, најчесто се користат за воени, но и за цивилни потреби.

Од Јавното обвинителство на 20-ти декември 2011 година информираа дека нема да биде поведена кривична постапка за хеликоптерската несреќа, бидејќи не постои основано сомнение дека кое било службено или одговорно лице сторило кривично дело за кое се гони по службена должност.

Единствена причина за падот на армискиот хеликоптер, според државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, е необученоста на пилотите за управување во сложени временски услови. Ова било потврдено и во Извештајот подготвен од британскиот воздухопловен експерт Едвард Пули на барање на македонското Јавно обвинителство.