Одбележување 53 години од земјотресот во Скопје

Делегации на Владата на Република Македонија, на Собранието на Република Македонија, на Град Скопје и на Министерството за одбрана, како и претставници на политичките партии, дипломатскиот кор, граѓански здруженија и други организации, денеска положија цвеќе пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што се случи во 1963 година и во кој 1.070 луѓе го загубија животот, 3.000 беа повредени, а Скопје остана под урнатини.

По повод 53-годишнината од земјотресот, цвеќе положија и делегации на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје и членовите на Црвениот крст, како и припадници на други јавни институции од земјава, оддавајќи им почит на жртвите.

Во ЈУ „Културно информативниот центар“ од 9 до 17 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје и изложба на фотографии, додека во Младинскиот културен центар во 20 часот ќе почне „МКЦ за Скопје“, настан кој ќе биде отворен со изложбата „Скопје 63-Хроника на една катастрофа“ на фотографот Бошко Фржоп (Хрватска). Прикажани ќе бидат и пет кратки филмови на скопските режисери Игор Иванов Изи, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставревски и Марко Ѓокович.

Во Музеј на град Скопје, пак, во 20 часот, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ќе ја отвори изложбата „Скопје 1963- виртуелни изложбени тури“.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

polozuvanje cveke1

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

polozuvanje cveke

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.

И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 52 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од  земјотрес со јачина од девет степени  по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.