Македонија

Одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајот

Одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајот

Со низа активности ќе се одбележи 15-ти ноември, Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајот.

Засадување на дрвца, промоција на парк посветен на жртвите кои оваа година го загубија животот во сообраќајни несреќи, пешачко дефиле  во повеќе градови, едукативно предавање во казнено- поправните домови за лицата кои што направиле кривични дела поврзани со безбедноста во сообраќајот, јавни трибини и едукативни предавања , посета на гробот на Тоше Проевски кој животот го загуби во сообраќајна несреќа, крводарителска акција, ликовна изложба со детски цртежи  на тема сообраќај  се дел од активностите кои ќе се реализираат неделава што следува.

Организаторите на оваа кампања,  Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата заедно со своите партнери оваа година праќаат силна порака до сите учесници во сообраќајот „Денови на сеќавање, време е да запрат кривичните дела на улиците“.

Заедничкиот меморијален ден нуди солидарност и пријателство за семејствата на нашите загинати сограѓани и истовремено привлекува внимание за ставање на крај на ова крвопролевање. Овој ден е одговор на големата потреба настраданите во сообраќајни несреќи  за јавно препознавање на нивната загуба и страдањето и го нагласува влијанието за врз нив и нивните семејства, заедниците и општеството, истакна Стојанче Стаменковски претседател од РСБСП.

Кон оваа акција за подигање на свеста за безбедноста во сообраќајот ја подржаа и многу јавни личности. Актерот Ванчо Петрушевски истакна дека најголемо внимание треба да се посвети на едуцирањето на  децата кои се уште не се активни учесници во сообраќајот.

Посочи дека заедно со неговите колеги неколку пати организирале претстави кои се најблискиот начин кој што го перципираат децата, што значат знаците, однесувањето во сообраќајот. Тој како една од кривиците за повеќето сообраќајни несреќи го посочи брзиот начин на живот. Според него плакатите и билбордите на улица не даваат некои посебни резултати туку  треба да се заложат сите учесници во сообраќајот. Како идеја посочи дека траба да се активираат пензионерите и сите слободни граѓани  и на  улиците да ги заштитат децата.

На пример да стојат пред училиштата и  да го регулираат протокот на сообраќајот. Сите луѓе кои се во можност да го дадат својот прилог, рече Петрушевски.