Одбојкарите против Хрватска во полуфиналето на Сребрената лига

Македонската одбојкарска репрезентација ќе игра против Хрватска во полуфиналето на завршниот турнир во Сребрената европска лига, што се одржува во Скопје во „Кале“ на 15 и 16 јуни. Втората полуфинална двојка е Белорусија против Летонија.

Нашиот противник во Групата Б заврши на второто место со 14 бода зад Белорусија, која освои 15 бодови. Македонија немаше сјаен настап во групната фаза, односно заврши на третото место на табелата во Групата А со скор од две победи (против Косово) и четири порази (од Австрија и Летонија по два).

Сепак, бидејќи Македонија е домаќин на завршниот турнир, нашиот национален тим имаше загарантиран пласман и резултатите во групната фаза воопшто не беа важни.
Победникот на турнирот следната година ќе се натпреварува ранг погоре, односно ќе добие место во Златната европска лига на местото на најслабо рангираниот тим од оваа сезона.