Оддржана петтата Регионалнатa школa за jавна aдминистрација (ReSPA) во Скопје

Регионалнатa школa за jавна aдминистрација (ReSPA), денес во Скопје ја одржа Петтата годишна средба на министерско ниво на која учествуваа министри од шест земји од регионот задолжени за реформи на јавната администрација. Домаќин на состанокот беше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Целта на денешниот собир во Скопје беше да се разгледаат и анализираат резултатите и напредокот на земјите од балканскиот регион во имплементацијата на реформите во јавната администрација, и да се предложат мерки како Регионалната школа за јавна администрација ќе се развива во натамошниот период заради реализација на заедничките цели.

Министерот Ивановски напомена дека привлекувањето на финансиите од фондовите од ЕУ може да биде поголемо доколку се користат механизмите што ги нуди Регионалната школа, при што министрите се согласиле РеСПА да се постави како единствена точка за комуникација за фондовите од европската програма Хоризонт 2020.

„Во привлекувањето на фондовите е потребно заеднички да аплицираат три држави. Предлогот го прифативме сите за да можеме да аплицираме за проекти кои се од заеднички интерес за државите, а со тоа да ги искористиме и механизмите коишто ги поседува РеСПА за привлекување фондови од ЕУ“, рече Ивановски.

Според министерот за јавна управа на Црна Гора, Раско Коњевиќ, важна е политичката порака за очекувањето на европските партнери преку зајакната регионална соработка да се покаже подготвеноста земјите од регионот да бидат дел од европското семејство. Министерот за администрација на Србија, Кори Удовички, истакна дека соработката преку РеСПА и размената на искуства во реформата на администрацијата е важно за членство во ЕУ и за поддржка на развојот ан економиите.

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Авио Орав, во својот воведен говор за време на отворањето на министерскиот состанок истакна дека ЕУ и понатаму ќе ги поддржува активностите на РЕСПА, при тоа истакнувајќи дека реформите во јавната администрација се важен услов за земјите од регионот во процесот на нивната евро-интеграција. „Потешкотиите кои настануваат во овој процес многу полесно можат да се надминат доколку постои регионална соработка меѓу земјите, нивен отворен дијалог и размена на искуства“, рече Орав.

Министрите од регионот денес го потпишаа Меморандумот за разбирање меѓу РеСПА и Одделот за јавна администрација при Обединетите Нации (UNPAN), од кој произлегува одговорноста на РеСПА за споделување на информации и знаења од областа на менаџментот во Европа, а ќе одржува и контакти со релевантни институции на јавната администрација во регионот.

Република Македонија денес официјално и го предаде на Црна Гора претседавањето со РеСПА за 2015 година. Од наредната година Хрватска повеќе нема да биде дел од Регионалната Школа поради членство во ЕУ, а на нејзино место ќе се зачлени Косово, кое сега има место на набљудувач.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.