Оддржана трибина „Зелени работни места-можности и предизвици“ во Штип

Трибина насловена „Зелени работни места-можности и предизвици“ се одржа денеска во Штип.

На трибината свое излагање имаше Вирна Манасиева – специјалист за јавно-приватно партнерство при УСАИД (Мрежа „Yes“), а поздравен говор оддржа градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев.

Според него, заштитата на животната средина е меѓу главните приоритети на локалната самоуправа и тоа не само преку конструкција на паркови и зелени површини, туку и на планот на енергетската ефикасност, адаптирање на образовните процеси и поддршка на обновливи извори на енергија:

– Како источен плански регион ние сме детерминирани како да се справиме со 60.000 тони отпад, да го селектираме но и искористиме за производство. Што се однесува до обновливите извори на енергија, Штип веќе има 4 мегавати фотоволтаични централи и тоа во приватниот сектор. Едно од нив дури и направи централа на кровот од 2 мегавати, но тоа е важно заради можноста што ја отвора кај другите субјекти.Ние имаме и општински институции кои можат да го применат истиот модел и да заштедат енергија. Идејата е да имаме извори на енергија која ќе значи заштита на животната средина но и ќе отворат нови работни места. На крајот на краиштата, тоа значи отворање на нови работни места во кои ќе требаат инжинери и друг стручен кадар. Ние како општина ја нудиме нашата поддршка за сите оние кои нудат зелени работни места и тука несебично ќе помагаме – изјави Захариев.

На трибината беше претставена и презентација за зелени работни места,потенцијали и можности од страна на проф.д-р Пеце Недановски – раководител на центар за економски истражувања. Тој напомена дека овој процес на отворање на зелени работни места датира уште од 70.тите години на минатиот век, во западните земји, кога станува јасно дека нафтените резерви имаат крај:

– Процесот значеше свртување кон обновливите извори на енергија и отворање на т.н зелени работни места, кои во суштина значат производство со заштита на животната средина и со висок степен на енергетска ефикасност. Овој процес се забележува и во Македонија и факт е дека Владата може да стимулира насоки со кои ќе го поддржи отворањето на зелени работни места – напомена Недановски.