Одличен старт на проектот “Македонија вработува“

Огромен интерес за проектот “ Македонија вработува“. За само три дена, над 50 компании се пријавиле за да ги искористат бенефитите на некоја од мерките за вработување. Досега биле опфатени 60 лица, а 30 веќе добиле работа, пишува Лидер.

-Проектот наиде на голем интерес кај работодавачите. Над 50 компании побарале вработување за повеќе од 60 лица, а 30 вработувања се веќе реализирани. Побарани се вработувања и од малите, средните и големите бизниси. Побарани и реализирани се вработувања на лица од различна образовна структура и на целата територија на Македонија. Ова е една добра можност која што можат да ја искористат сите компаниии со едноставно аплицирање во Агенцијата за вработување,каде компаниите треба да наведат податоци за потребите на работниците и потребите на кадарот кои што тие го побаруваат,  вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Целта на овој проект е придвижувањето на економијата, забрзано отварање и создавање на нови работни места во приватниот сектор, спроведување на политики која ќе помогнат на невработените лица, од различна возраст и со различен статус да се вработат. Овој проект им помогна и на огромен број на приватни компании, во намалување на трошоците за нови вработувања, во развој на нивниот бизнис.

-Овој проект е доста значаен и за приватните компании, кои ќе добијат ослободување од плаќање на придонеси и значително намалување на трошоците за отворање на нови работни места, односно намалување од 6.000 до 10.000 месечно за секое отворено ново работно место. Очекуваме пред се приватните компании да имаат голем интерес. Условите за апликација се едноставни, а тоа се компаниите да не доцнат повеќе до два месеци со исплата на даноци, придонеси и плати за веќе вработените и да не го намалиле бројот на вработени, рече Диме Спасов министер за труд и социјална политика.

Со новиот проект се овозможува олеснително и повластено вработување на неколку групи на невработени граѓани и огромен опфат на невработени граѓани кои ги исполнуваат условите и кои полесно и побрзо ќе стигнат до вработување и работно место, до редовна плата и до подобар и поквалитетен живот, и тоа:

-прва група-невработени лица до 35 години возраст,
кои што претходно немале заснован работен однос или кои имале претходно заснован работен однос, но пред вработувањето согласно со мерката биле невработени најмалку три месеци. Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход, за оваа група во траење од 3 години сметано од денот на вработувањето при што работодавачот е должен да го задржи лицето уште 1 година, по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси и персонален данок на доход.

-втора група-невработени лица на возраст од 35 до 50 години,
кои во последните 15 години биле најмалку 10 години невработени и најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос. Работодавачот кој ќе вработи лице од оваа група ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето, при што е должен да го задржи лицето уште 1 година, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

– трета група – невработени лица на возраст над 50 години,

– четврта група- невработени лица кои се родители на три или повеќе деца и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; самохрани родители и членови на еднородителско семејства кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; приматели на социјална парична помош; деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно со Законот за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно со прописите од пензиското и инвалидското осигурување; професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно со Законот за служба во Армијата на Република Македонија и родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето.

За третата и четвртата група, работодавачот кој ќе вработи лице од овие две групи е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 5 години од денот на вработувањето без понатамошна обврска за работодавачот.

-петта група, се однесува на највозрасните работоспособни невработени лица над 58 години кои во последните две години се невработени. Работодавачот кој ќе вработи лице ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување до исполнување на условите за стекнување на правото на старосна пензија.

-Сметаме дека ова е исклучителна можност за компаниите да ги прошират своите човечки капацитети, апсурдот кој што го имаме во државата покрај голема невработеност да немаме доволно стручни кадри, оваа можност да се искористи во таа насока- да се квалификуваат луѓе кои што ќе можат да придонесат во компаниите. Веќе атмосферата кај голем дел од компаниите и менаџерите се коментираат позитивно овие мерки, вели потпреседателот на Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан.

Проектот “Македонија вработува“ ќе се применува 1 година од стапување во сила на законските измени и сите компании коишто ги исполнуваат условите ќе можат да почнат да ги користат поволностите во овој период.Се очекува само преку овој проект да бидат опфатени 150.000 лица, додека директно вработување да има за околу 20.000.