Одложена процедурата за азил за осуммината турски офицери во Грција

На осуммината турски офицери, кои побегнаа во Грција за време на обидот за државен удар во Турција, денеска им е дадено дополнително време да ги подготват своите случаи за барањата на политички азил, дознава „Катимерини“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, интервјуата за барањата за азил се презакажани за 19, 23, 24 и 25 август.

Официјална Анкара смета дека барањата на офицерите за политички азил во Грција треба да се отфрлат и бара тие да бидат екстрадирани во Турција за да им се суди како на „предавници“.

Осуммината Турци тврдат дека не се вмешани во обидот за државен удар и истакнуваат дека ќе бидат во опасност доколку се вратат во Турција, поради чистките во турската армија и државната служба што ги спроведува претседателот Реџеп Тајип Ердоган.