Одложена расправата за извештајот на СЈО

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедиците во средата по вторпат ја одложи расправата за шестмесечниот извештај на Специјалното јавно обвинителство, поради тоа што пратениците дури денеска го добиле извештајот на СЈО во пишана форма.

Според објаснувањето, на пратениците им требало повеќе време да го проучат, за да се подготват и за пратеничките прашања закажани за утре. Сепак, полугодишниот извештај пред повеќе од еден месец беше објавен на сајтот на Специјалното јавно обвинителство. Извештајот и е достапен на јавноста од 15-ти март, а беше и детално обработен во медиумите.

Притоа беше објавено дека во тој период се донесени првите пресуди по поднесените обвиненија за вкупно 11 лица во четири различни предмети, дека СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови (85 отсто од „бомбите“ предадени од Зоран Заев), и дека во процес на анализирање се повеќе од 100.000 аудио-фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица.

Пратениците можат да го најдат извештајот во електронска верзија и на веб страната на Собранието, каде е закачен од денот кога седницата е закажана.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски информираше дека следната седница на која треба да се расправа по извештајот, ќе се одржи или во петок или во понеделник.