Одложено рочиштето за настаните во општина Центар

Судењето за насилствата пред општина Центар повторно се одложи во средата, бидејќи предметот не бил вратен од Апелациониот суд, кој одлучува по жалбите на обвинителите на СЈО, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, за паричните казни што им беа изречени на едно од рочиштата на ова судење, објасни судијката Татјана Михајлова.
Судијката го одложи судењето за 28 септември со образложение дека предметот физички не се наоѓа во судот.
Но како што објави Телма вчера предметот е во Врховниот суд откако скопска апелација го испратила поради судир на надлежности, за тоа кој суд треба да одлучи по жалбите на обвинителките од СЈО, дали Кривичниот суд или Апелациониот суд.
На денешното рочиште беа присутни сите обвинети во предметот, меѓу кои, лидерот на ВМРО­ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспoрт и врски, Миле Јанакиески, старо­новата пратеничка Даниела Рангелова и десетина други лица.

Минатиот пат дојдоа дваесетина оштетени и сведоци за кршењето на општината. Првпат се појави градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, за кого според прислушуваните материјали од „бомбите“ на СДСМ, Груевски наводно нарачувал некој и да му влепи шлакници.