Oдложено рочиштето за „Поткуп“, Заев имал средба со ОБСЕ

Денешното рочиште за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е претседателот на СДСМ Зоран Заев е одложено за 27 јуни.

Рочиштето е одложено по барање на одбраната, оти, како што наведоа, Заев имал закажана средба со претставници на ОБСЕ, за случувањата во Собранието на 27 април.

Првото рочиште за случајот „Поткуп“ беше закажано на 25 јануари минатата година, а оттогаш имаше неколку одложувања.

Последното одложување на рочиштето беше на 3 април, откако адвокатите на одбраната побараа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да им достави копии од доказите за случајот.

Според Јавното обвинителство, Заев во својство на градоначалник на Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, побарал поткуп од 163.924 евра за градежно земјиште во Струмица. Заев тврди дека цело време бил свесен дека Николов-Сачевалиев се обидувал да го намести и поднесе кривична пријава против него.