Одложено судското рочиште за настаните пред Општина Центар

рочиште

Додевски, како што било наведено во поднесокот до Судот, нема да присуствува на рочиштето, бидејќи е организатор и ќе учествува на дводневна работилница за Имплеметација за Законот за одмерување на казни, организирана од Адвокатската комора на РМ, Амбасадата на Соединетите Американски држави во Скопје и Бирото за меѓународна борба против наркотиците и спроведување на законите, кој настан бил закажан пред да ја добие поканата за закажаната главната расправа.

Во прилог на поднесокот, адвокатот ја доставил агендата од настанот и барал главната расправа, заради спреченост да присуствува како бранител на второобвинетиот, да се презакаже согласно член 351 став 2 и 3 од ЗКП „Главната расправа може да ја одложи и по службена должност поради здравствени или други оправдани причини, а причините за одлагањето и образложението за нив се внесуваат во наредбата за одлагањето, односно записникот“.

– Инаку за закажаната главна расправа, преку соопштение на веб страната на Судот, јавноста беше информирана уште на 29.09.2016 година http://osskopje1.mk/Novosti.aspx?novost=555  кога беа испратени и поканите до странките, но со оглед на поднесокот на адвокатот Додевски, а имајќи ги предвид одредбите од член 351 ст.2 и 3 од ЗКП, како и фактот дека за седмо и десетто обвинетиот, од 14 обвинети опфатени во предметот, се уште не е добиена повратница дека го примиле обвинителниот предлог и поканата, судечкиот судија кај кој беше распореден предметот, по службена должност, а со оглед на распоредот на претходно закажани расправи за други предмети, ја презакажа главната расправа за 16.12.2016 година, за што ги извести странките, се  наведува во денешното соопштение од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.