Одложено гласањето за одземање на мандатите на пратениците

Заврши претресот по предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатите на 31 пратеник во Собранието на Република Македонија, кои повеќе од шест месеци биле неоправдано отсутни од работата на Парламентот.

Инаку, во собранието беа присутни вкупно 68 пратеници. Одземањето на мандатите на пратениците се врши со поединечно гласање за што е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратениците или вкупно 82 пратеници.

Со оглед на тоа што во Собранието немаше кворум, гласањето за одземање на мандатите на пратениците се одлага, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави дека дополнително ќе има најава за кога ќе биде презакажано гласањето.

На седницата не присуствуваа пратениците од ДПА и трите пратенички од опозицијата кои ги повлекоа оставките и се вклучија во работата на Парламентот Љубица Буралиева, Солза Грчева и Роза Топузова Каревска. Од пратеничката група на ДУИ беа присутни десетина пратеници, а не беше комплетна ниту пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Нема информација кога и дали ќе се гласа за одземање на мандатите. Со негласањето се остава уште време за политички дијалог меѓу власта и опозицијата, која не ги призна предвремените парламентарни избори, а нивните пратеници поднесоа оставки. И таа собраниска седница за прифаќање на оставките беше прекината.

Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања, на седницата одржана на втори декември, реши да му предложи на Собранието одземање на мандатите на 31 пратеник од опозициската СДСМ и нејзините коалициски партнери, врз основа на извештајот за отсуства во период од шест месеци.