Одложено издржувањето на затворската казна за Бучковски

Врховниот суд на Македонија го прифатил барањето на поранешниот премиер Владо Бучковски да се одложи извршувањето на правосилната судска пресуда со којашто тој беше осуден на затворска казна во траење од две години. Судот, освен што побарал одлагање на извршувањето, го прифатил и неговото барање за вонредно преиспитување на правосилната судска пресуда со што на Бучковски му се дозволува уште еднаш да ги образложи своите тврдења дека во случајот наречен “тенковски делови” не постои зделка во која има коруција, пишува Утрински весник.

“Сметам дека Врховниот суд само ја исправи контроверзната одлука на судијата од Одделот за извршување на санкции при Основниот суд Скопје 1-Скопје, со која дури беше побарано и полициска интервенција, со цел да дојде до мое приведување. Врховниот суд исправи една одлука која е спротивна на законот на што укажував во неколку наврати”, изјавил Владо Бучковски за весникот.

Бучковски тврдеше дека законот се крши со тоа што нему не можело да му биде врачена покана за одење в затвор, бидејќи не му била врачена одлуката на Кривичниот совет.

Судската битка на екс-премиерот Бучковски започна летото 2007 година кога истражниот судија, во негово отсуство, му одреди притвор со образложение дека тој не е достапен, но Бучковски го прекина одморот и истиот ден се врати во државата. На првичното судење му беше изречена затворска казна од три ипол години, но оваа пресуда беше укината од Апелацискиот суд поради направени пропусти во постапката и беше побарано ново судење. На повторениот судски процес Бучковски беше осуден на три години затвор, но Апелацискиот суд му намали една година од казната, пишува весникот.