Одложено рочиште – адвокатите на Заев неподготвени да ги бранат сопствените докази

Поради обилност на доказите кои адвокатите на Зоран Заев ги доставија до Основниот суд Скопје 2 во кои е вклучен еден нов доказ, судијката Весна Калковска, го одложи подготвителното рочиште во кое премиерот Никола Груевски го тужи лидерот на опозицијата за клевета и навреда. Според објаснувањето, шестте адвокати на Заев, кои побараа судењето да биде одложено, како причина ја наведоа обемноста на материјалот кој го доставија во своја одбрана, како и нивната неподготвеност аргументирано да и го претстават на јавноста, како и самиот суд да има доволно време да ги проучи доказите.

Никола Додевски, адвокатот на Груевски, по разгледувањето на материјалот се изјасни дека не му е потребно дополнително време за подготвување и предложи процесот да започне денеска.

„Материјалот кој е доставен е оној кој беше побаран претходно, јас како адвокат на тужителот сум подготвен уште веднаш да започнам со процесот. Не ми е потребно дополнително време за разгледување на материјалот, како и за подготовка“, рече Додевски.

Адвокатот Додевски до судот како дополнителни докази достави писмени изјави, це-деа со сите изјави од Заев, како и новинарски текстови со прашања кои не биле поставени за време на прес-конференциите.

Филип Медарски, еден од шесте адвокати на Заев, предложи да се прекине граѓанскиот процес Груевски-Заев, бидејќи веќе се води кривична постапка за случајот „Македонска банка“ во кој премиерот се обвинува за организиран криминал и корупција.

Зоран Заев по одложувањето на процесот изјави дека верува во својата невиност и дека доколку премиерот бил тој кој е во право ќе побараш отштета од едно евро.

„Се надевам дека на едно од идните рочишта ќе се сретнеме со Груевски. Тој ќе дојде и ќе присуствува на овој процес. А, мојата невиност се гледа во тоа што ми е побарана отштета од пола милион евра. Да изнесував лаги ќе ми побараа само еден денар“, вели Заев.

Но, сепак судијаката одлучи да го одложи процесот и повторно да го закаже на 3 јули во 12 часот.

Никола Груевски на 22 април поднесе пријава за клевета и навреда, откако за време на изборната камања, лидерот на опозицијата, Зоран Заев, го обвини дека зел мито од 1,5 милиони евра за случајот „Македонска банка“. Заев тогаш објави и аудио снимка за која тврди дека е дел од телефонски разговор меѓу премиерот Груевски и српскиот тајкун Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини.

Груевски во пријавата од Заев бара отштета од пола милион евра.