Одложено рочиштето за „Монструм“

Судскиот совет на Апелацискиот суд го одложи денешното рочиште на кое требаше да се расправа по жалбите за пресудите за случајот „Монструм“. Одлуката и пресудата на второстепениот суд, како што пренесува „Плусинфо“, ќе биде соопштена на 11 септември.

Денешната јавна седница е одложена бидејќи двајца од осудените, Хаки Азири и Агим Исмаиловиќ, не беа присутни во судницата.

Околу половина час траело денешното рочиште на кое биле присутни голем број роднини и пријатели на обвинетите, и кое било под силно полициско обезбедување.

Основниот суд Скопје 1 лани, на 30 јуни, ги прогласи за виновни и им изрече шест доживотни казни за тероризам на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за убиство на четирите момчиња и на еден средовечен маж во близина на Смиљковско Езеро, на Велики четврток, во април 2012 година.

Двајца од осудените, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, сè уште се во затвор во Косово и не се екстрадирани во земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.