Одложено судењето на лидерот и членови на Златна зора

Судењето на лидерот и членовите на неонацистичката партија Златна зора, почна, но веднаш беше одложено. Во судницата се појавија 44-ца од вкупно 69 осомничени лица поврзани со Златна зора, но не и лидерот на партијата Никос Михалолиакос, кој се наоѓа во домашен притвор.
 Повеќето од обвинетите, се товарат за учество во криминална организација, но има и осомничени за вмешаност во убиство, поседување оружје, физички напади, расизам.
Претседателот на партијата Михалолиакос, смета дека судењето е политички мотивирано, но според обвинителството, случајот против Златна зора е поткрепен со цврсти докази.
„Сега кога имаме пристап до сите докази, меѓу кои има говори од лидерите на Златна зора од некои собири кои биле снимени, можеме да забележиме дека конкретно се спомнува прогонување на мигрантите и сите оние кои се против идеологијата на Златна зора,“ изјави обвинителот Димитрис Зотос.
Грчките медиуми јавија дека дел од сведоците во случајот биле нападнати од приврзаници на Златна зора додека оделе на суд.
Судскиот процес започна по повеќемесечна истрага, откако во 2013-та година беше убиен раперот Павлос Фисас, а за злосторството беше осомничен член на Златна зора.
Судењето ќе продолжи на 7-ми мај, а како причина за одложувањето се наведува отсуството на поголем дел од обвинетите, и тоа што еден од нив немал адвокат.
Златна зора е третата политичка сила во Грчкиот парламент, а сите 18 пратеници од претходниот состав, се меѓу обвинетите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.