петок, 10 февруари 2017  |  Вести денес: 41

Хан: Очекувам одлуки во интерес на земјата и на европската перспектива

Партиите треба да продолжат со преговорите, да ја демонстрираат нивната демократска зрелост, да имаат одлична програма која ќе се базира на договорот од Пржино и посветеноста на европерспективите.

han-7

Последни вести

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска изјави дека очекува од политичките лидери да демонстрираат демократска зрелост и да донесат одлука во интерес на земјата и на граѓаните и нивната европска перспектива.

– Очигледно ќе биде потребно уште време. Тие ќе продолжат со преговори и очекувам да донесат одлука во интерес на земјата, на граѓаните и европската перспектива. Европската унија ќе стори се за да и помогне на земјата и на раководството на земјата, рече Хан по предавањето на донација во теренски возила за граничната полиција при МВР и за Центарот за управување со кризи, запрашан за очекувањата по вчерашните средби со политичките лидери во врска со политичката ситуација и формирањето нова влада.

Запрашан дали Македонија ќе ја загуби препораката за почетокот на преговори со ЕУ доколку до крајот на февруари не биде формирана нова влада, истакна дека не е потребна брза туку квалитетна одлука.

– Станува збор за квалитет, а не за брзина. Тие треба да продолжат со преговорите, да ја демонстрираат нивната демократска зрелост, да имаат одлична програма која ќе се базира на договорот од Пржино и посветеноста на европерспективите. Ако тоа се постигне, јас сум уверен во иднината на земјата, рече Хан.

На новинарско прашање, посочи дека е секогаш оптимист и најави дека повторно ќе ја посети земјата.

Хан утрово имаше средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов, а синоќа со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами, на Алијасата за Албанците Зијадин Села и со Мендух Тачи од ДПА.

Со денешното предавање на донацијата, еврокомесарот Хан ја заврши дводневната посета на Македонија во рамки на која вчера учествуваше на Министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан организиран од макеоднското МНР.

Најчитани вести