Одлуката на ЕЦБ „студен туш“ за Грција

Каматните стапки на грчките 10-годишни обврзници претпладнево се искачија над психолошката граница од десет отсто, по одлуката на Европската централна банка да не прифаќа грчки обврзници, јави дописникот на МИА од Атина.

Во исто време, главните индекси на Атинската берза изгубија повеќе од девет отсто од вредноста, по одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) да не ги прифати грчките обврзници како колатерал за позајмици на деловните банки.

На секундарниот пазар на обврзници, приносите на грчките 10-годишни хартии од вредност рано утрово скокна на 10.051 проценти од вчерашните 9,678 отсто, а веднаш по отворањето на Берзата главниот индекс на Атинската берза, Атекс, ослабе за 9,43 отсто на 768 поени, но малку подоцна минимално се опорави.

Последната одлука на Европската централна банка да не прифаќа грчки обврзници како гаранција за заеми беше донесена неколку часа по вчерашната средба меѓу грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис со претседателот на ЕЦБ Марио Драги, и аналитичарите проценуваат дека овој потег на Банката е доказ дека средбата била неуспешна.

Овој чекор на Европската централна банка вчера предизвика нервоза на пазарот, по што еврото ослабе повеќе од еден отсто во однос на доларот.

Аналитичарите сметаат дека одлуката на ЕЦБ повеќе да не прифаќа грчки обврзници во замена за кредити за банките, Грција финансиски ќе ја изолира ако не ги продолжи преговорите со меѓународните кредитори.

Грчката централната банка ќе треба во наредните недели сама да обезбеди неколку милијарди евра за итна ликвидност на грчките банки.

Економистите од ЕЦБ сметаат дека оваа мерка има за цел да ја принуди Грција да продолжи со своите мерки за штедење, кои новата Влада на Ципрас ги отфрла.

Иницијативата на Европската централна банка ја доби поддршката од повеќето гувернери на централните банки во еврозоната, што се смета за израз на незадоволство на зоната кон предлозите на новата грчка влада за решавање на нејзиниот долг од 320 милијарди евра.

Новите мерки на Европската централна банка влегуваат во сила на 11 февруари.

Грчкото Министерство за финансии соопшти дека овој потег на ЕЦБ нема да има негативно влијание врз финансискиот сектор на Грција, кој, како што се вели, е „целосно заштитен со други расположиви можности“.