„Одлуката за штрајк на СОНК е донесена од мала група луѓе за лични цели“

Синдикатот на студентските домови како и ученичките домови, не ја подржуваат одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк на 29 септември.

-Сметаме дека истата е крајно нелогична, неразумна и донесена од тесно синдикално раководство, со единствена намера за остварување на лични цели и амбиции, не земајќи ги во предвид интересите на учениците и студентите, кои што согласно неконзистентноста на ставовите и политиките на СОНК во изминатиот период, очигледно е дека ќе бидат заложници во целата оваа ситуација за која што постои и многу поедноставно решение преку примена на бројни правни механизми, но пред се преку продолжување на социјалниот дијалог, истакна Валентина Спасовска, секретар и член во Државниот студентски дом Кузман Јосифовски-Питу, во име на членовите од ученичко-студентските домови.

За нив како синдикална организација и членка на СОНК, велат дека најмалку е прифатливо бојкотирање на воспитно-образовниот процес на учениците и студентите.

-Многумина од нив кои се сместени во овие домови доаѓаат од други региони од внатрешноста. Нивните семејства ги испратиле овде и двојат средства од семејниот буџет единствено заради надградба на нивното знаење како основа за понатамошен животен и професионален напредок. Токму затоа никако не треба да бидат злоупотребувани од СОНК како предмет за поткусурување со извршната власт, додаде Спасовска.

Спасовска додаде дека одлуката за штрајк нема вистинска причина и основ, туку е обид за задржување на раководните позиции.

-Донесена е во 4 ѕида, од страна на мала група луѓе до кои во оваа прилика јавно апелираме да ги смират страстите, да не бидат себични и пред се во прв план да ги вратат интересите на најмладите, затоа што токму тие се и треба да бидат фокусот на секој кој одлучил да се занимава со најблагородната и најодговорната дејност- просветителството.