Одлуката за Вранишковски е на судот, Владата ја поддржува МПЦ-ОА

Одлуката за условен отпуст на Вранишковски ја има донесено судската, а не извршната власт. Иако Владата на Република Македонија принципиелно ги поддржува сите активности кои водат кон надминување на предизвикот што го има Македонската православна црква во рамките на својата меѓународна комуникација, тоа е прашање кое зависи пред се и е во ингеренции на МПЦ-ОА.

Ова, денеска го истакна портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, во одговорот на новинарското прашање дали како Влада сугерирале да му се дозволи условен отпуст на Јован Вранишковски, по посетата на вториот човек на Руската православна црква на Скопје.

– Владата принципиелно го поддржува надминувањето на предизвикот што го има МПЦ-ОА исто како што го поддржуваат сите општествени субјекти кои партиципираат во рамките на нашето општество. Како Влада ќе ја почитуваме одлуката на Судот, а за мотивите, причините и околностите кои довеле до оваа одлука целисходно е да се обратите кон органот што ја донел, а тоа е Судот, додаде Ѓорѓиев.

Тој посочи дека во Македонија постои поделба на власта и нагласи дека судската и извршната власт се независни една од друга.

– Одлуката за условен отпуст на Јован Вранишковски е донесена од страна на Судот во Република Македонија кој е независен орган и секој коментар од страна на Владата не би бил прикладен во овој момент, потенцира Ѓорѓиев.