Одлуките на европските институции – стратегија или стихијност?

Поттик за објавување на наведениот наслов ми даде неодамнешната изјава на известувачот  на Европскиот Парламент за напредокот на Република Македонија во евроинтегративниот процес, словенечкиот европратеник Иво Вајгл. Според него, последната одлука на Совет на ЕУ да не започнат преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ не е најсоодветна и секако претставува „слаба порака“. Таквата одлука истовремено наиде на критики од страна на повеќе пратеници  на Европскиот Парламент, бидејќи не се почитуваа дадените позитивни препораки од нивна страна, како и оние на Европската Комисија, која шести пат за ред беше наклонета кон Република Македонија.

Дел од европратениците и аналитичарите објаснуваат дека одлуката за Македонија е погрешна порака на ЕУ и со неа уште еднаш се потврдува непобитниот факт дека политичките интереси  се доминантни над почитувањето на правната и реална аргументација и допринесуваат кон дополнително рушење на кредибилитетот на ЕУ и земјите членки.

Констатациите на Европската Комисија во однос на Република Македонија изнесени во нејзиниот последен есенски Извештај од оваа година (2014) јасно ја искажуваат поддршката на нашата земја во целосна примена на критериумите, вредностите и стандардите кои важат во Европската Унија и посебно на оние што се очекува  задолжително да бидат почитувани и од страна на државите кандидати за членство на ЕУ.

Во секој случај не поминаа незабележано позитивните резултати на Република Македонија во континуираното спроведување на реформите, постоењето на стабилна макроекономска и финансиска стабилност, импресионираноста од вклученоста во иновативните програми и решенија, зголемена ефективност на пазарот на работна сила и обезбедување на нови работни места, извонредни услови за водење на бизнис, атрактивни погодности кои помагаат во привлекувањето на странски инвестиции, производство на квалитетни производи, засилување на сите видови на претприемништвото и барањето на креативни решенија во засилената сеопфатна промоција на државата во странство.

Секако не помалку важна е и втората порака на европратеникот Иво Вајгл, која упатува на потребата од внатрешна консолидација и надминување на блокадата на Собранието на Република Македонија, пред се мислејќи на потребата да се има конструктивен и институционален пристап во решавањето на сите отворени и легитимни  прашања, а кои како такви и овозможуваат непречено и нормално функционирање на државата.

Рационалното однесување на активните политички субјекти и нивното враќање во регуларните активности на Собранието на РМ примарно ќе и помогне на Република Македонија, а со сигурност ќе доведе до релаксирање на политичко партиските тензии и ќе влијае позитивно кон унапредувањето на меѓунационалните односи во државата. Истовремено стабилните односи во Македонија ќе им помогнат на пријателски настроените пратеници во Парламентот на ЕУ да бидат уште погласни и да предложат и усвојат уште еден позитивен  извештај и во 2015 година, по што би следеле препораки и изгласување на  соодветна резолуција, како уште една дополнителна поткрепа за одржување во живот на политиката на отворени врати.

Токму во овие моменти на силен глобален општествен развој ќе му помогнеме и на Европскиот Совет да се постави на висината на својата задача и конечно да ја донесе долго очекуваната одлука за почеток на преговорите меѓу Република Македонија и Европската Унија, што истовремено ќе биде и силна потврдата за постоење на соодветна стратегија и реален концепт на развој во рамките на Унијата.

Верувам во можноста за победа на една стратешки поставена, рационална и прагматична политика на земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Република Грција, со која постои можност за внесување на еден нов прагматичен дух на соработка и остварување на поблиска европска иднина на Република Македонија. Внесувањето на нова и позитивна енергија во решавањето на отворените прашања ќе овозможи изнаоѓање на рационални одговори, сериозен напредок во дијалогот, забрзан европски развој и реално остварување на концептот за постоење на нова просперитетна, единствена, цела и мирна Европа.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.