Одморалиштето „Мајски цвет“ подготвено за децата од семејствата во социјален ризик

Кон крајот на јуни во детското одморалиште „Мајски цвет“ во Струга ќе пристигне првата група деца кои ќе летуваат во рамки на проектот за „Бесплатен одмор и рекреација на децата од семејства во социјален ризик”, што го спроведува Владата на Република Македонија преку Министерството за труд и социјална политика.

Како што потврдува управникот на одморалиштето Јован Паскоски, објектот е веќе подготвен за да ги пречека младите летувалци кои во групи ќе доаѓаат до крајот на август, пренесува МИА.

– Во рамки на нашите финансиски можности во текот на изминатиот период извршивме серија санации врз објектот. Го поправивме покривот кој прокиснуваше, ги извршивме редовните годишни молерофарбарски активности во внатрешноста , како и други поправки. Се трудиме на децата да им овозможиме удобен летен одмор, изјави Паскоски.

Освен децата од социјално ранливите категории, во одморалиштето „Мајски цвет“ во текот на јули се очекува да пристигнат и учесниците на Летниот спортски камп, од Македонија и земјите од регионот.

– Нашиот сместувачки капацитет е отворен уште од април кога започнаа да се реализираат училишните екскурзии. Годинава имаме помалку деца кои престојуваат кај нас во рамки на проектот „Настава во природа“ бидејќи се смени правилникот за ваквиот вид настава, и учениците наместо во четврто наставата во природа ја следат во петто одделение, додаде Паскоски.

Во ова струшко детско одморалиште е предвидено до крајот на август, летниот распуст бесплатно да го поминат 2.000 деца од семејства во социјален ризик. Тие ќе престојуваат по седум дена односно ќе имаат шест полни пансиони. Јавниот повик за користење на оваа услуга е во тек и ќе трае до 17 јуни.