Анализи

Односите со Македонија и влијанието на Турција

Односите со Македонија и влијанието на Турција

Посветуваме многу време во Грција дискутирајќи, расправајќи и фрлајќи вина врз Скопје за спорот со името на Поранешната југословенска република Македонија, иако уште пред многу години повеќето нации ја признаа земјата со нејзиното уставно име – Република Македонија. Продолжавањето на тој дипломатски ќор-сокак и’ носи штета на Атина на два фронта, коментира Том Елис во свој авторски текст објавен во грчкиот весник Eкатимерини, пренесува НетПрес.

Првиот, го засега нашиот однос со нашиот северен балкански сосед, кој може да го унапредиме во најблизок сојузник на Грција и најприроден партнер, со попаметен и пофлексибилен пристап. Вториот има врска со улогата и влијанието, што ги негува друг сосед, оној што навистина ги прикрива иредентистичките претензии кон Грција, а неговата реторика и неговото однесување претставуваат закана за нашата земја.

Јавното барање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за преразгледување на Договорот од Лозана, односно тврдењата дека 18 грчки острови се предадени на Грција на неприфатлив начин и треба да бидат вратени, како и провокативните коментари и потези во врска со ексклузивната економска зона на Кипар, треба да послужат како потполно потсетување на вистинските предизвици пред кои е исправена Грција.

Односот кон овој сосед, на исток, не оној на север, треба да биде во фокусот на нашето внимание и во инвестирањето на нашиот дипломатски капитал, со перцепција и на Егејот и на Кипар. Тоа е особено важно со оглед на разликата во воената моќ меѓу двете земји. Сигурно дека секое прашање е важно и спорот со името Македонија секако дека заслужува внимание и вешто справување со него. Но, секоја земја, а особено некоја со големина како Грција, има потреба од поставување на приоритети на предизвиците и да преземе соодветни дејствија за нивно надминување.

Колку подолго односите меѓу Атина и Скопје се во неубава состојба, толку поголема е веројатноста и можноста Турција да го засили своето влијание на Балканот, како дел од политиката која има јасна геостратешка цел, како и религиска димензија. Ердоган многу ретко пропушта можност да ја искаже својата силна поддршка за влезот на Македонија во НАТО, и постојано повторува обвинувања за Грција дека се однесува некоректно за да го спречи тоа, се’ додека не се реши спорот со името.

Во голем број од своите јавни говори, трускиот претседател напоменува дека Турција и Македонија делат братска врска, дека Анкара и Скопје немаат никакви разлики, дека Турците нема никогаш да ги остават своите македонски браќа и дека Турција секогаш ќе биде на страната на Македонија. Тој дури има став дека Анкара никогаш нема да дозволи промена на името на Македонија.

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, за време на неговата посета на Турција ќе има средби со Ердоган, со турскиот премиер Бинали Јилдирим и со претседателот на турскиот парламент Исмаил Кахраман.

Само пред три седмици Ердоган беше домаќин на тристрана средба, со српскиот претседател и со муслиманскиот член на претседателството на Босна и Херцеговина, на која меѓу другото вети дека Турција ќе придонесе за изградба на автопат, кој директно ќе ги поврзува Белград и Сараево. Турскиот претседател, исто така, покажа и голем интерес за Албанија и за Косово.

Турција веќе има големо влијание на Балканот, и постојано настојува да го зголеми уште повеќе. Единствениот одговор кој Грција може да го преземе спротивно на ова е да ги продлабочи уште повеќе своите односи со балканските држави и тоа на мултиратерално ниво – Атина навистина импементира иницијативи и ја користи својата улога како член на Европската унија и на НАТО, но само на билатерално ниво.

Во овој контекст, подобрувањето на односите со Македонија ќе биде од витално значење за интересите на Грција.