Одобрена номинацијата на Џес Бејли за нов амбасадор на САД во Македонија

Американскиот Сенат во вторникот, на последниот ден пред да се распушти, го одобри именувањето на неколку десетици функционери номинирани од страна на претседателот Барак Обама, меѓу кои и номинацијата на Џес Бејли, предложениот амбасадор во Македонија, соопшти МИА.

Потврдувањето на Бејли не беше спорно во Сенатот и тој не се соочи со посериозен отпор од некој од сенаторите, но постоеше можност тоа да биде одложено поради хаотичната состојба во Конгресот кој повторно одвај постигна договор за финансирањето на централната Влада. На последниот ден, спикерот Хери Рид успеа да ги стави именувањата на десетици функционери пред сенаторите, и тие беа набрзина одобрени. Покрај Бејли, Сенатот ги одобри новоименуваните амбасадори во Црна Гора, Ерменија и Азербејџан, како и именувањето на советникот на претседателот Обама Тони Блинкен за заменик државен секретар, кој ќе го замени досега највисокиот дипломат од кариера во Стејт департментот Вилијам Барнс.

Бејли е, исто така, дипломат од кариера, кој порано служел во Африка и југоисточна Азија, за од 1998 до 2002 година да служи како офицер задолжен за култура и односи со јавноста во Анкара. По директорувањето со центарите за странски новинари во Вашингтон и Њујорк, во 2007 Бејли бил испратен како шеф на регионалниот тим за обнова на ирачкиот град Ербил, главниот град на курдската област во Ирак, за по една година да биде задолжен за канцеларијата за односи со Обединетите нации. Од 2010 година бил задолжен за односите со Турција, Грција и Кипар, а од 2011 бил заменик – шеф на мисијата во Анкара, по што сега ја добива својата прва амбасадорска позиција.

Неговото сведочење пред Сенатот предизвика реакции во Македонија, откако го употреби изразот „словенско население“ за да ги разликува Македонците од Албанците во Македонија.