Одобрено спојувањето на ВИП и ОНЕ

Комисијата за заштита на конкуренцијата даде зелено светло за спојувањето на ВИП и ОНЕ.Сепак, за да не се наруши конкуренцијата, новата компанија ќе мора да обезбеди влез на нов оператор и нема да смее да ги менува цените на пакет услугите…

Комисијата за заштита на конкуренцијата даде амин за спојување на ВИП и ОНЕ во една компанија. Мобилком Австрија се стекна со контрола над телекомуникацискиот оператор ОНЕ. Во соопштението од комисијата се вели дека е „одобрена концентрацијата“ под услов да се исполнат доставените обврски во утврдените рокови.

Комисијата утврдила дека пријавеното спојување на двата оператора ќе доведе до нарушување на конкуренцијата на пазарот и затоа се обврзуваат во релативно краток период по спојувањето во една компанија да обезбедат фактички влез на нов целосен мобилен виртуелен оператор на пазарот кој ќе нуди услуги од мобилната телефонија најмалку во период од 15 години.

Дополнително се обврзуваат дека нема да ги изменат постоечките малопродажни пакети. Подносителите преземаат обврски и во однос на преносот на аудиовизуелни услуги на крајните корисници.

Со соопштение излегоа и Телеком Австрија и Телеком Словенија. Убедени се дека предложените обврски обезбедуваат добра основа за успешен влез на пазарот на нови учесници кои ќе бидат во можност да комбинираат мобилни и ТВ понуди. Со тоа ќе се овозможи конкуренција во поглед на цената и производите на сите засегнати пазари.

Комисијата за заштита на конкуренцијата го одобри спојувањето на ВИП и ОНЕ. По пропаѓањето на четвртитот мобилен оператор Албафон, на македонскиот телекомуникациски пазар сега остануваат две компании.