Одреден датумот за одигрување на средбата помеѓу Карпош Соколи и Куманово

Комисијата за натпреварување при Македонската кошаркарска федерација (МКФ), по консултација со членовите на Арбитражната комисија, реши за задутре да го закаже натпреварот од 1-то коло од Суперлигата помеѓу Карпош Соколи и Куманово, кој беше одложен поради проблемите со трансформацијата во акционерско друштво на “соколите” и поради кој минатиот викенд не се играше елитна кошарка.

Оваа одлука значи дека комисијата го прифатила правото на тимот од Карпош за настап во највисокиот ранг во македонската кошарка, нешто што беше “камен на сопнување” изминатите денови и причина за еден куп состаноци на највисоко ниво, не само во МКФ туку и во Агенцијата за млади и спорт. Задутрешниот меч, кој треба да се одигра во салата “Борис Трајковски”, ќе значи комплетирање на воведното суперлигашко коло и можност за регуларно продолжување на првенство.

Но, сега останува да се види дали закажувањето на одложениот меч ќе значи крај на рашомонијада или, пак, само нејзино продолжување со оглед на најавата на кумановци дека немаат никаква намера да го играат мечот со “соколите”, бидејќи сметаат дека треба да победат со служебн резултат. Управата на Куманово тоа го бара поради мислењето дека натпреварот бил пролонгиран надвор од важечките акти, поради што најави поднесување кривична пријава против членовите на комисијата и против претседателот на Здружението на прволигашите.